Живееме во дигитален свет, мобилните телефони и пристапот до интернет се нашето секојдневие, но и секојдневието на нашите деца. Пристапот до интернет никогаш не бил полесен: преку телефон, ајпад, компјутер, па дури и преку нашите телевизори. Нема дете што не знае како да пристапи до интернет, како да ја симне својата омилена апликација или својата омилена игра. Но има нешто што децата не го знаат доволно а тоа е како да се заштитат.
Во февруари оваа година, Вип Македонија започна со реализација на едукативна и иновативна програма под името “Интернетот не e само игра. Кликај безбедно…” наменета за најмладите. Вработените во Вип, на волонтерска основа, преку интерактивни и интересни предавања прилагодени на возраста и образовната програма, ги запознаваат учениците од 4-то одделение и го збогатуваат нивното знаење за Интернетот, како безбедно да бидат дел од светската мрежа, и притоа како да ги заштитат своите лични податоци. Целта на овој проект е едукација на учениците за подобро и паметно користење на интернет, едукација на учениците како да се заштитат од можни опасности при користењето на интернет и социјални мрежи, подигање на свеста на пошироката јавност (родителите) за потребата од внимателно и паметно користење на интернет како и подигање на свеста на учениците за етичко и одговорно однесување при користењето на интернет. Работилниците се одвиваат на македонски и албански јазик, а сите ученици добиваат специјално изготвени брошури. Во самите предавања поттикнуваме разговор, размена на идеи и искуства од секојдневието на децата како основа за разбирање на темата, а тие практични примери заеднички ги анализираме и се советуваме како да се постапи во одредени ситуации.
Вип волонтерската програма започна во месец февруари а во неа ќе бидат вклучени сите активности на Вип од сферата на општествена одговорност. На повикот за волонтери кој беше објавен минатиот месец се пријавија повеќе од 20 вработени во Вип.
Се сретнавме со двајца наши волонтери кои несебично одвојуваат време за да предаваат на децата од 4-то одделение: Наташа Бошковска, Менаџер на тим за телефонска продажба, и Катерина Ѓорѓиева, Советник за техничка поддршка во Контакт центарот на Вип.
Што ве мотивираше за да се пријавите како волонтер во проектот “Интернетот не e само игра. Кликај безбедно”?
Катерина: Работата со децата е главната мотивација, но и предизвик е да се задржи вниманието на група деца на возраст од 9 години, да се предава на начин кој што ќе биде интересен за нив. Од друга страна, ја преставуваш компанијата во едно позитивно светло, учествуваш во еден голем проект, каде главна тема е безбедноста на децата.
Наташа: Постојат бројни потенцијални опасности и ризици, особено за приватноста и безбедноста на децата. Мојот мотив за пријавување на еден ваков проект е, како што би рекол Алберт Ајнштајн, “резултат и пренесување на знаењето за вредностите и лошите страни” кои ги има интернетот.




До сега неколку пати сте предавале на темата безбеден интернет. Какви се вашите искуства до сега?
Наташа: Искрено? Неповторливи. Голем предизвик е да се работи со мали главчиња кои за волја на вистината знаат некогаш повеќе од нас. Не можам да ви го опишам чувството кога 30-тина ококорени очиња активно ве слушаат и на крајот сфаќате дека со нивна помош и соработка вашиот успех е загарантиран.
Катерина: Прекрасно искуство, одлично, моменти полни со насмевки, искрени одговори. Особено ми е драго, што децата имаат доста познавање, сакаат да споделат со вас се што знаат. Секое ново предавање е ново искуство, поинакво од претходното, сфаќаш всушност дека во тие моменти се што си подготвил и планот кој го имаш за часот го водат децата. Тоа се навистина убави моменти, кои ќе останат убави спомени.
За крај, што сметате дека е најдоброто во овој голем проект на Вип?
Наташа: Ова е фантастична приказна за да се соочат не само децата туку и ние, со стандардите за она што е добро а што не. Ние како компанија сме тука на децата да им пружиме соодветна едукација која што ќе им помогне да се заштитат, да ја развиеме свеста и да помогнеме да бидат чекор пред лошите страни на интернетот.
Катерина: Проектот е со едукативен карактер, од особено значење е тоа што се опфаќаат сите теми, од лозинки, веб страни, пребарувачи, до податоци и знаења, кои исто така имаат долгорочни бенефиции за децата.
Проектот “Интернетот не е само игра. Кликај безбедно” е дел од иницијативата “Интернет за сите” на A1 Групацијата, која започна во 2011 година. Од тогаш па се до сега, преку овој проект се едуцирани повеќе од 153.000 учесници. Само во 2017 година се одржаа 1,947 работилници. Вип ја спроведе оваа активност за прв пат во Македонија во 2013 година, со предавања за децата на вработените и нивните соученици на возраст од 9 до 12 години во просториите на Вип.