„Да си скопјанец не е лична карта, биографска информација, место на раѓање, живеење, адреса… Да си скопјанец, тоа е комплимент“, рекол на времето претседателот на некогашната Југославија, Јосип Броз Тито. Со историја од над 2000 години, главниот град на Македонија од секогаш претставувал економски, научен и културен центар. Тргнувајќи од римскиот аквадукт, тврдината Кале, Камениот мост, па се до најголемиот базар на Балканот, Старата скопска чаршија, Скопје му овозможува на посетителот да патува низ возбудлив времеплов од два милениуми.

Културни знаменитости кои вреди да ги посетите

Кога патот ќе ве донесе во Скопје, ви препорачуваме да ја започнете прошетката од скопската тврдина Кале, која е сместена на високот рид наречен Градиште. Изградена во VI век тврдината била од стратешко значење за овој град со векови. Нуди фантастичен поглед на градот како и можност да се дојде до Старата скопска чаршија за неколку минути.

Старата скопска чаршија која е една од најголемите знаменитости на градот постои од XII век. Местото забрзано прераснало во најголем трговски дел од градот, во кој се наоѓале околу 30 џамии, бројни сараи и анови. Најпознатите анови (што во превод значи преноќиште) се Капан ан и Куршумли ан, изградени во XV век. Куршумли ан низ историјата одиграл голема улога во развојот на сообраќајната трговија, бидејќи претставувал место во коешто преноќувале трговски патници од многу далечни места, а денес се користи за одржување на културни збиднувања. На само неколку минути пешачење се наоѓа Даут Пашин Амам – стар амам (што значи турска бања). Aмамите биле градени како двојни, т.н. чифте амами со посебни делови за жени и за мажи, а денес во него е сместена Националната галерија на Македонија. Камениот мост претставува една од најзначајните знаменитости на градот, изграден во VI век. Сместен е во центарот на градот и ги поврзува плоштадот Македонија и Старата скопска чаршија. Денеска се смета за симбол на градот. Не заборавајте да ја посетите и спомен куќата на Мајка Тереза кој е единствен музеј во светот посветен на Мајка Тереза, најпознатата скопјанка и нобеловка од Македонија, а е изграден во 2009 година.

Чист воздух и природни убавини на само чекор од градот

На само чекор од центарот на градот се наоѓа планината Водно. На својата највисока точка, 1066 метри, се наоѓа Милениумскиот крст, до кој можете да дојдете со жичница. Планината Водно нуди извонредни услови за планински и друмски велосипедизам. За љубителите на природата и спортот на вода, на само 10 минути возење со автомобил се наоѓа кањонот Матка кој претставува еден од најголемите рефугијални центри и на овој простор можат да се сретнат голем број реликтни и ендемични растенија и животни. Од вкупниот број на 1000 видови на растенија, 20 % се ендемити или реликти. А за адреналинско доживување, не пропуштајте да пробате кајак и кану! Во рамки на кањонот, се наоѓа пештерата Врело која со своите 230 метри длабочина се смета за една од најдлабоките подводни пештери во Европа и во светот. Неверојатно, нели?

1000 вкусови и прекрасна музика

Скопје е град со ресторани во кои ќе пробате од се по нешто како и кафулиња кои ви нудат незаборавна забава до доцна во ноќта. Храната и боемскиот живот е важна работа за секој скопјанец. Не пропуштајте да го посетите популарното Дебар маало кое се наоѓа на само 5 минути пеш од центарот на градот, познато по бројните кафеаните и живата музика. Може да се случи да седнете на ручек и со часови да разговарате и “мезите” македонска салата, ајвар, макало, пинџур, сирење и печурки на жар, гравче тавче, пастрмајлија, а притоа да не ни нарачате главно јадење…Кога кон ова ќе ги додадете единствените македонски вина и автономните алкохолни пијалаци како жолтата ракија и мастиката, доживувањето е незаборавно. И за крај, немојте да се изненадите кога во Скопје ќе ви кажат: “Се чекаме кај Дестан”, или “Се чекаме кај Палма”…скопјани се навикнати да се наоѓаат пред култни места! Ве очекуваме!

Фрази кои ќе ви бидат од помош во Македонија:

Zdravo – Здраво
Kako si? – Како си?
Kade e…? – Каде е…?
Doviduvanje – Довидување
Blagodaram – Благодарам
Smetka, ve molam – Сметка, ве молам